Follow Us

Кога науката станува искуство: што велат наставниците за „Науката и јас“

Во текот на изминатата 2025/2026 учебна година, наставниците вклучени во проектот „Науката и јас“ имаа можност да поминат низ повеќе различни искуства - практична обука, менторска поддршка, работа со учениците, подготовка и презентација на експерименти на регионалните саеми по наука, како и посета на Џонсон Мети, каде што науката од училницата можеа да ја видат применета во реална индустриска средина.

На крајот од активностите ги поканивме наставниците да го споделат своето лично искуство. Нивните пораки најдобро ја отсликуваат вредноста на проектот - не само како можност за професионален развој, туку и како простор за размена на идеи, соработка, практична примена на знаењето и, пред сè, инспирирање на учениците.

Практична обука што продолжува во училницата

За голем дел од наставниците, една од највредните компоненти на проектот беше практичниот карактер на обуката и можноста стекнатите знаења веднаш да ги пренесат во својата секојдневна работа.

Игор Николовски, наставник од Ранковце, своето искуство го опиша вака: „Обуката беше одлично организирана, содржински прецизна и усогласена со потребите на наставниците по природни науки. Темите беа внимателно избрани, а секоја сесија понуди јасни насоки, применливи методи и релевантни практични примери. Особено ги ценам практичните активности и размената на искуства со колегите, што придонесе за подлабоко разбирање на истражувачкото, искуственото и проектното учење. Наученото веќе го интегрирам во моето планирање и реализација на наставните активности.“ 

И Златица Велевска, наставник по природни науки и биологија од Скопје, го истакнува практичното доживување на науката како особено значаен дел од обуката: „Обуката беше многу корисна и интересна. Предавачите од областа на физика, хемија и биологија ни овозможија практично да ја почувствуваме науката преку експерименти. Преку вакви примери научивме како науката е поврзана со секојдневието и со глобалните предизвици. Обуката беше инспиративна и мотивирачка за понатамошно учење и истражување.“ 

За наставниците кои се на почетокот на професионалниот пат, ваквата размена има дополнително значење. Рената Апостолова, наставник по биологија и природни науки, споделува: „Како наставник-приправник сум повеќе од задоволна од сè што слушнав на предавањата и експериментите кои ги изработувавме. Експерименталната работа за природните науки е битна, а Вие тоа ни го овозможивте со обуката.“ 

Убавка Џинов, наставник од Скопје, во својата повратна информација особено ја нагласува применливоста на експериментите во реалната настава: „Ние, наставниците, се мотивираме од обуки и тренинзи и секоја ваква можност ни помага да се надоградиме во својата работа. Сите тие експерименти се полезни во нашата настава бидејќи се претставени со едноставни примери и едноставни лабораториски прибори. На тој начин ќе ги инспирираме учениците да станат љубопитни за науката, да научат и да истражуваат нови работи.“ 

Менторството како простор за учење во двете насоки

„Науката и јас“ не се фокусира само на еднократна обука. Менторството создава можност помладите наставници да добијат поддршка од поискусни колеги, но истовремено и менторите повторно да ја преиспитаат и надградат сопствената практика.

Еден од наставниците-ментори го опиша ова искуство како важен дел од целиот проект: „Учеството во проектот ‘Науката и јас’ претставуваше заокружено професионално искуство кое ми овозможи да дејствувам на повеќе нивоа: како ментор на наставник-приправник, како поддршка на учениците во нивниот истражувачки процес и како модератор на практичната настава. Процесот на менторство со наставникот-приправник беше темел на сите активности. Преку заедничкиот настап на Саемот за наука успеавме да изградиме колегијален однос заснован на доверба. Оваа соработка не само што ѝ помогна на колешката приправник полесно да се соочи со предизвиците во наставата, туку и мене ми овозможи критички да ја согледам сопствената практика.“ 

Токму оваа комбинација на поддршка, професионална размена и заедничка работа е една од вредностите што повеќе наставници ја препознаа во текот на проектот.

Саемите по наука - кога учениците стануваат истражувачи и презентери

Регионалните саеми по наука беа моментот кога многу од идеите и знаењата стекнати во текот на проектот добија видлива, практична форма. Учениците работеа во тимови, подготвуваа експерименти, презентираа пред публика и учеа од своите врсници.

За Елена Андонова, наставник по биологија и природни науки од Валандово, токму реакцијата на учениците била најсилниот впечаток: „Учениците блескаа со сигурност и насмевка додека ги објаснуваа своите експерименти, а во нивните очи се гледаше вистинска радост што можат да ја споделат својата љубов кон науката. Како наставник, почувствував длабока среќа и исполнетост да ги гледам како растат, се охрабруваат и откриваат дека науката не е само учење, туку и авантура. Овој настан уште еднаш ми покажа дека најголемата награда во наставата е моментот кога учениците веруваат во своите способности и со гордост ги споделуваат со сите.“ 

Слично искуство споделува и Томе Китановски, наставник ментор од ООУ „Гоце Делчев“ од Василево: „Учениците беа особено воодушевени од можноста да видат различни експерименти и иновативни пристапи на нивните врсници, да разменат идеи и да стекнат нови знаења кои веќе планираат да ги применат во наставата. Сметам дека ваквите собири имаат големо образовно и мотивациско значење, поттикнуваат креативност, соработка и љубов кон науката.“ 

И Олгица Бајалџиева, наставник-ментор по биологија, во саемот препознава многу повеќе од презентација на проекти: „Овој саем за мене беше многу повеќе од обичен настан -беше вистински доказ дека љубопитноста, упорноста и искрената желба за учење кај учениците можат да создадат вистинска магија. Нивната енергија, посветеност и искрени насмевки беа најголемата награда за мене како наставник. Во тие моменти се гледа суштината на нашата професија - да ги поттикнеме да истражуваат, да веруваат во себе и да се осмелат да создаваат.“ 

Наставниците забележале и конкретни промени кај учениците - поголема самодоверба, креативност, тимска работа и желба повторно да учествуваат во научни активности.

Како што е наведено во една од евалуациите: „Учеството во проектот ‘Науката и јас’ беше многу позитивно и значајно искуство. Проектот овозможи учениците да учат преку практична работа, истражување и соработка, што придонесе за поголем интерес и мотивација за науката. Во текот на активностите се развиваа креативноста, тимската работа и критичкото размислување кај учениците.“ 

Кога науката од учебникот станува реален процес

Посетите на Џонсон Мети им овозможија на наставниците и учениците да ја видат врската меѓу научните принципи што ги изучуваат во училница и нивната примена во современата индустрија.

м-р Вера Зороска го опишува ова искуство како особено значајно за поврзување на наставата со реалноста: „Од моја перспектива како наставник, посетата беше инспиративна и многу корисна. Ми овозможи да ја поврзам наставата со реалната индустриска практика и да им покажам на учениците како знаењето што го стекнуваат во училница се претвора во технологии со глобално значење. Оваа активност ја зајакна врската меѓу образованието и современата индустрија и ја направи науката поблиска и попривлечна за младите.“ 

Слична порака се повторува и во други повратни информации од наставниците: „Посетата на фабриката Џонсон Мети за мене претставуваше уникатна можност да ја доживеам науката во практика. Одблиску видовме како современата технологија и научните принципи се применуваат во индустриски процеси што имаат глобално значење. Науката, физичките закони кои ги изучуваме во училница, добија нова димензија - станаа применливи.“ 

Наставниците посочуваат дека ваквите посети не се значајни само за разбирање на технологијата. Тие влијаат и врз начинот на кој учениците размислуваат за сопствената иднина, професионалната ориентација и можностите што ги нуди науката.

м-р Анетка Трајкова, наставник-ментор, истакнува: „Ваквите посети се особено значајни од образовен аспект бидејќи овозможуваат поврзување на теоретските знаења со практичната примена, ја поттикнуваат мотивацијата за учење и придонесуваат за професионалната ориентација на учениците.“ 

„Не беше само збир на активности“

Во повратните информации од наставниците постојано се повторуваат неколку теми: практичноста на програмата, можноста за размена со колеги, професионалната поддршка, поголемата мотивираност на учениците и чувството дека науката станува поблиска, поразбирлива и пожива.

Еден од најсеопфатните осврти на програмата ја сумира токму таа идеја: „Проектот ‘Науката и јас’ не беше само збир на активности, туку сеопфатна платформа за професионален раст. Тој го зајакна тимскиот дух во нашето училиште, ја модернизираше наставата преку практични посети, донирани сетови за предметите од природните науки и создаде генерација ученици кои науката ја доживуваат како жива и применлива дисциплина. Ова искуство е силен поттик за понатамошно усовршување и имплементација на слични проекти во иднина.“ 

Друг наставник го сведува искуството на една едноставна, но силна порака: „Најдоброто е што теоријата доби практична смисла и поттик за учениците. Науката во пракса создава трајни знаења!“ 

А можеби една од најважните пораки што произлегува од сите овие искуства е дека инвестицијата во наставникот ретко завршува само кај наставникот. Новата идеја, метод или експеримент многу брзо стигнува до цела училница - а потоа и до следната генерација ученици.

Како што напиша една од наставничките: „Овогодинешниот проект ‘Науката и јас’ докажа дека кога на младите ќе им се дадат вистинските алатки, поддршка и простор за истражување, нивната способност за иновација нема граници. Горда сум што бев дел од овој проект кој несомнено инспирираше нова генерација на млади истражувачи и мислители.“ 

Токму овие искуства - на наставниците кои учат, споделуваат, менторираат и создаваат заедно со своите ученици - се суштината на „Науката и јас“.