Со наука, љубопитност и креативност: Успешно одржан 11. Саем за наука „Науката и јас“ во Скопје
Околу 45 ученици од седум основни училишта ги претставија своите научни проекти пред повеќе од 350 ученици-посетители, означувајќи го почетокот на четвртата година од проектот „Науката и јас“, кој Македонија2025 го реализира со поддршка на Џонсон Мети.
![]() | ![]() |
На 29 октомври 2026 година, во ООУ „Кочо Рацин“ во Скопје, се одржа 11. Саем за наука „Науката и јас“, настан исполнет со интересни експерименти, креативни научни проекти, љубопитност и многу позитивна енергија. Саемот обедини околу 45 ученици-презентери од седум основни училишта од различни делови на Македонија, под менторство на девет посветени наставници, како и повеќе од 350 ученици-посетители од Скопје и околината.
Настанот претставуваше и официјален почеток на четвртата учебна година од реализацијата на проектот „Науката и јас“, кој Македонија2025 го спроведува благодарение на континуираната поддршка од Џонсон Мети Програмата за поддршка на заедницата (JM Community Impact Programme).
Целта на проектот е да се унапреди наставата по природни науки во основните училишта, преку професионален развој на наставниците, практични експерименти, менторска поддршка и создавање можности учениците да ја доживеат науката на интересен и непосреден начин. Посебен акцент се става на еднаквите можности за учество на девојчињата, учениците од руралните средини, етнички различните заедници и децата од социјално ранливи категории.
Мотивациски пораки за младите научници
Саемот започна со пригодна програма и воведни обраќања, преку кои беше нагласена важноста на науката, истражувањето и практичното учење за развојот на младите генерации. Присутните ги поздрави Гордана Јаневска, директорка на ООУ „Кочо Рацин“, која ја истакна важноста на ваквите активности за поттикнување на ученичката љубопитност, креативност и тимска работа. Мотивациски пораки до учениците упатија и Маре Бојческа Савеска, советничка во Бирото за развој на образованието, Звонко Танев, менаџер за квалитет во Johnson Matthey Македонија, и Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025.
Во своите обраќања, говорниците ја нагласија важноста на практичната настава, истражувачкиот дух, упорноста и храброста да се поставуваат прашања и да се бараат нови решенија. Заедничката порака до младите беше дека науката не е само збир од факти што се учат на училиште, туку можност за откривање, создавање и менување на светот.
![]() | ![]() |
Седум училишта, девет наставници и десетици инспиративни научни експерименти
Централниот дел на Саемот беше посветен на учениците, кои со голем ентузијазам ги претставуваа своите научни проекти и практични експерименти. Посетителите имаа можност да се движат меѓу штандовите, да поставуваат прашања, да учествуваат во демонстрациите и непосредно да откриваат интересни научни појави.
Домаќинот, ООУ „Кочо Рацин“ – Скопје, под менторство на наставничката Ирина Шорева и со поддршка на наставничките Ирена Костовска, Јасмина Апостолова и Катица Митовска Христовска, се претстави со експерименти од физика, хемија и биологија, меѓу кои магнетен лавиринт, докажување протеини во кокошкино јајце и истражување на ксилемот кај растенијата.
Учениците од ООУ „Христо Узунов“ – Охрид, предводени од наставничката Вера Зороска, демонстрираа интересни физички и технолошки принципи преку соларни панели, мини Теслин трансформатор, радар, електромагнети, Паскалов закон и сврзани садови.
Особено разновидна програма подготвија учениците од ООУ „7 Марси“ – с. Челопек, со поддршка од наставничките Ајтене Адеми и Мерита Емини. Нивните експерименти опфатија хидрауличен мост и механизам, робот-уметник, хемиски реакции, отстранување бактерии од кал и тридимензионални модели на растителна и животинска клетка.
Под менторство на наставничката Весна Окардова, учениците од ООУ „Пере Тошев“ – Росоман ја разбудија љубопитноста на посетителите со експерименти како виножито од природен индикатор, тајно мастило што се открива со топлина, движење на бои, надувување балон со хемиска реакција, добивање пластика од млеко и модел на човечкото срце.
Учениците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – с. Кучевиште, заедно со наставничката Елена Паланкова, презентираа експерименти поврзани со симулација на вулкан, издвојување јаглерод диоксид и подготовка на компост, покажувајќи како научните принципи можат да се објаснат преку едноставни и впечатливи демонстрации.
Претставниците на ООУ „Кузман Јосифовски Питу“ – Скопје, под менторство на наставничките Александра Ќурчиевска и Фросина Ѓоргиевска, демонстрираа експерименти со магично бротче, хемиската реакција „Црна мамба“, природни индикатори од црвена зелка и модел на циркулаторниот систем, доближувајќи ги до посетителите природните процеси и хемиските реакции што се случуваат околу нас.
Учениците од ООУ „Вера Циривири – Трена“ – Скопје, предводени од наставничката Дивна Карапанчева, се претставија со истражувања за фотосинтезата, ендемските видови преку QR-кодови, алтернативните извори на светлина, изолирање ДНК од банана, добивање биопластика од млеко и влијанието на загадувањето врз водниот биодиверзитет.
Дополнително збогатување на програмата беше и учеството на вработените во Џонсон Мети Македонија, кои како волонтери организираа интерактивни мини експерименти со епрувети и им овозможија на учениците и посетителите непосредно да се запознаат со примената на науката во индустријата. Нивната вклученост претставува важен дел од проектот, поврзувајќи го она што учениците го изучуваат во училиште со реалните научни и технолошки процеси.
Благодарност до сите што ја поддржуваат науката
Македонија2025 упатува искрена благодарност до Џонсон Мети Програма за поддршка на заедницата, за континуираната доверба и поддршка во изминатите четири години, како и до вработените во компанијата кои преку својата волонтерска работа ги инспирираат младите да размислуваат за иднина во науката и технологијата.
Посебна благодарност до ООУ „Кочо Рацин“ – Скопје, и целиот училиштен тим за прекрасното гостопримство, одличната организација и посветеноста со која придонесоа за успешната реализација на 11. Саем за наука.
Благодарност упатуваме и до Бирото за развој на образованието, сите партнерски и учеснички училишта, наставниците-ментори, директорите, родителите, волонтерите и останатите поддржувачи кои овозможуваат проектот да продолжи да се развива и да допира до сè поголем број ученици.
Пред сè, благодарност до младите научници, кои со својата љубопитност, труд и креативност уште еднаш покажаа дека науката може да биде возбудлива, забавна и достапна за секого.
Продолжуваме да создаваме можности секое дете да истражува, да поставува прашања и да верува во своите идеи. Затоа што секое големо откритие започнува со љубопитност, а иднината на науката започнува токму во училниците!
Related News
Macedonia2025 and INOVA Join Forces to Strengthen the Macedonian Business Sector
Macedonia2025 and INOVA have signed a Memorandum of …
Discover MoreMacedonia2025 at the 24th International Youth Conference in Kruševo: Building a Future Worth Staying For
Macedonia2025 participated in the 24th International…
Discover MoreЗапознајте ги новите стипендисти на Македонија2025 од програмата „Таленти денес – лидери утре“ (2026/2027)
Запознајте ја новата генерација стипендисти на Макед…
Discover More



