Македонија2025 предлага план за забрзан економски раст и нуди поддршка за неговото спроведување

News

Подобрување на квалитетот на животот преку забрзување на економскиот раст е основната цел  на реформскиот план ВИЗИЈА ЗА ЗАБРЗАН РАСТ, што го предлага организацијата Македонија2025. Планот се базира на „Платформата за просперитет“ која Македонија2025 ја претстави во 2020 година, а чии фундаменти вклучуваат: Нулта толеранција за корупција, преку транспарентност, систем базиран на заслуги и лична одговорност; Континуиран раст на БДП над 5% годишно, преку зголемени инвестиции во образованието, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија; како и квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во ЕУ.
„Македонија се соочува со силни развојни предизвици, како на локално, така на регионално и на глобално ниво, чија сложеност и неизвесност, заедно со бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ, повикуваат на сеопфатна, интензивна и темелна акција во претстојниот период. Токму ваквите состојби нѐ мотивираа да се посветиме на креирање на конкретни мерки со кои сакаме да ги поттикнеме сите чинители во општеството, да преземат одлучни активности за нивна имплементација“, изјави Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на Македонија2025.

Осврнувајќи се на улогата што ќе има организацијата во имплементација на спомената „Платформа за просперитет“ и планот ВИЗИЈА ЗА ЗАБРЗАН РАСТ што произлезе од неа, ко-основачот на Македонија2025 Мајк Зафировски рече: „Како организација сме подготвени да имаме конструктивна улога во спроведувањето на активностите од платформата, делувајќи како партнери, активни учпесници и предводници. Покрај финансиска поддршка, подготвени сме да ги засилиме нашите лобистички напори во САД, ЕУ и кај соседните држави, со цел да обезбедиме поволни исходи за Македонија. Ќе ја поддржиме дигитализацијата на земјата и ќе ангажираме искусни експерти во областите на креирање развојни и антикорупциски политики. Македонија 2025 ќе ја активира целокупната своја мрежа и ресурси за остварување на целите и  принципите на кои се темелат развојната платформа и реформскиот план што ги предлагаме. Истовремено, подготвени сме да соработуваме со сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги и политичките партии во остварување на овие цели кои ќе ни овозможат заедно да изградиме посилна нација – сега и во годините што доаѓаат“, истакна Зафировски.

Членот на Одборот на директори на организацијата, Ѓорѓе Војновиќ ја потврди подготвеноста на Македонија2025 активно да се ангажира за да ги поддржи принципите кои се фундаментални за забрзан раст. „Би сакал да изразам лична подготвеност, единство и посветеност на сите членови на Македонија 2025 да помогнеме во имплементирање на клучните точки на Визијата за забрзан раст“, рече Војновиќ.
Сетот на мерки во планот ВИЗИЈА ЗА ЗАБРЗАН РАСТ се фокусира на три области и тоа: сеопфатна дигитализација на земјата, зајакнување на конкурентноста и искористување на потенцијалот на дијаспората.

„Во областа на дигитализацијата предлагаме мерки кои треба да овозможат граѓаните и фирмите да ги добиваат сите услуги и документи од државните институции по електронски пат. Ова значи целосна дигитализација на државните служби на централно и локално ниво, како и креирање систем за поддршка за дигитализација на микро, малите и средните претпријатија. Македонија2025 веќе се вклучи во реализација на една од овие мерки, преку основање на Центар за дигитална трансформација „ГоДигитал„, кој го ставаме на располагање за исполнување на целите во оваа област“, вели заменик-претседателот на Одборот на директори на М2025, Васко Кроневски.
Говорејќи за мерките во Планот кои треба да овозможат јакнење на конкурентноста на македонската економија, членот на Одборот на директори на организацијата Живко Мукаетов, нагласи:
„Динамиката и обемот на економскиот раст на нашата земја директно зависи од тоа колку и што извезуваме.  А, за да можеме да се надеваме на зголемување на извозот неопходно е веднаш да се зафатиме со намалување на непотребниот бирократски товар за извозниците и регулативата која не само што не им помага, туку и ја намалува нивната конкурентска позиција“.
Надоврзувајќи се на неговото излагање, членот на Одборот на директори на организацијата Виктор Мизо, посочи: „За да ја унапреди вкупната конкретност на домашната економија, земјата мора да привлече и нови инвестиции од странство, за што неопходно е да се воспостави нова стратегија, вклучувајќи и нов модел што ќе биде атрактивен за инвеститорите. За тоа треба да се изградат и ефикасни агенции кои навистина ќе им овозможат брзо да ги реализираат своите инвестициски проекти во нашата земја“.
За третиот сет мерки од планот ВИЗИЈА ЗА ЗАБРЗАН РАСТ кои треба да овозможат подобро искористување на потенцијалот на дијаспората, говореше членот на Одборот на директори на М2025 Боријан Борoзанов, кој меѓу останатото рече: „Македонија се соочува со силни емиграциски движења и намалување на бројот на населението, што предизвикува се поголем недостиг на работна сила, појава која веќе е пречка за економскиот развој на земјата. Едно од решенијата за ваквиот сериозен предизвик е да се креираат можности со кои ќе се олесни повратот на иселениците во нивната татковина. За тоа ние како организација нудиме конкретни мерки и политики кои државата може веднаш да ги спроведе“.

На подготовката на реформскиот план, што се базира на анализи и експертиза од различни области, работеа голем број членови на Македонија2025, кои дадоа значаен личен придонес, користејќи го и вмрежувајќи го своето големо знаење и професионално искуство. Во пресрет на претстојните избори организацијата ќе им го претстави планот на релевантни чинители во општеството, со цел мерките што се содржани во него да станат дел од вкупната развојна агенда на земјата во следниот период.