Матеј Наунов – Средношколец од Кочани кој го движи СТЕМ духот напред

News

Матеј Наунов, 17-годишен ученик од Кочани, е стипендист од генерацијата 2024/2025 во рамки на Фондот за поддршка на талентирани средношколци „Таленти денес – лидери утре“. Тој е ученик во трета година во СОУ „Гошо Викентиев“, на насоката Компјутерска техника и автоматика, каде што неговата страст кон природните науки, роботиката и програмирањето се претвораат во конкретни проекти со општествено значење.

Од училишна клупа до вистинска промена во заедницата

Во рамки на програмата LEAD, Матеј беше тим лидер на проектот за изработка на веб-страница за здружението на лица со попреченост „Мобилност Кочани“. Неговиот тим се вброи меѓу најдобрите 5 од 36 и успешно ја лансираше веб-страницата mobilnostkocani.mk, со поддршка од наставници, локални власти и претставници од Норвешката амбасада.

Практично знаење, конкретни резултати

Преку предметот „учење преку работа кај работодавач“, Матеј реализираше пракса во ИТ компанијата Vista Point. Таму учествуваше во решавање багови и развој на софтверски решенија со Node.js и TypeScript, како и на креативни задачи – како изработка на игра слична на „Зборле“ и веб-страница за обновливи извори на енергија.

Роботика и лидерство

По 6 години активно натпреварување во First Lego League, оваа година Матеј го презеде предизвикот како ментор на тимот Robo Mosquitos, еден од најуспешните тимови во Македонија. Иако тимот не се квалификуваше за светското првенство, натпреварот му донесе вредно искуство, лидерски вештини и чувство на заедништво.

Меѓународно искуство – Финска и Еразмус+

Во март 2025, Матеј учествуваше на Еразмус+ проектот Sustainable Alternatives Future Essentials во Педерсоре, Финска. Тој одржа предавања за веб-програмирање, водеше работилници и соучествуваше во создавање на едукативни дигитални содржини – комбинирајќи технологија, едукација и креативност.

Менторство што инспирира

Преку програмата на MK2025, Матеј доби ментор со кој одржува редовни средби – преку Zoom и во живо. Темите на разговор се движат од личен развој и поставување цели, до водење бизнис и животни одлуки. Средбите му даваа насока, инспирација и мотивација за идните предизвици. Еве што тој вели: “Разговаравме за прашања поврзани со мојот личен развој – на кои полиња треба да се фокусирам повеќе, како да го искористам најдобро моето време додека сум уште ученик и кои се вештини што ќе ми користат во иднина, без разлика дали ќе студирам или ќе започнам сопствен бизнис. Средбите со него секогаш ми минуваат брзо, бидејќи се исполнети со практични совети, инспиративни приказни и корисни насоки. Често ми раскажуваше реални примери од неговото искуство – како реагирал во одредени животни ситуации, кои одлуки ги донел, што научил од грешките и кои принципи ги следи во животот и работата.

Матеј Наунов претставува младинец кој не само што учи – туку и создава, менува и води. Преку својот пример инспирира генерации на млади да ја изберат науката, технологијата и хуманоста како патека кон подобро утре.