News
На 9 април 2025 година, Македонија2025 и Биро за развој на образованието (БРО) официјално потпишаа Меморандум за соработка, со цел унапредување на квалитетот на образованието во нашата земја.
Овој меморандум претставува значаен чекор напред во заедничките напори за создавање инклузивен, модерен и ефективен образовен систем. Како прв конкретен резултат на оваа соработка, ќе продолжи имплементацијата на програмата „Науката и Јас“, дел од иницијативата за општествена одговорност на компанијата Џонсон Мети. Проектот е насочен кон зголемување на квалитетот на наставата по природни науки во основното образование преку:
– Обуки за повеќе од 100 наставници-ментори и наставници по предметна настава по природни науки,
– Развивање на нивните инспиративни наставни вештини и зголемување на нивната самодоверба,
– Поттикнување љубопитност и интерес за наука кај учениците преку регионални научни саеми,
– Подобрување на академската успешност и зголемување на интересот за СТЕМ области (наука, технологија, инженерство и математика).
Покрај реализацијата на „Науката и Јас“, соработката предвидува и проширување на заедничките активности во повеќе стратешки области, меѓу кои:
✅ Развој на дигитални вештини – преку програми за дигитална писменост во основното и средното образование, со фокус на ученици од социјално ранливи категории и девојчиња во технологија.
✅ Поддршка на наставници и професионален развој – зајакнување на капацитетите на наставниот кадар преку развој на едукативни модули, работилници и консултативна поддршка.
✅ Иновации и лидерство во образованието – поттикнување на критичко размислување, претприемачки дух и решавање на проблеми кај учениците.
✅ Еднакви можности за сите ученици – со фокус на интеркултурна инклузија, поддршка на ученици од различни етнички заедници и географски региони.
✅ Истражувачки активности и пилот-проекти – развој и тестирање на нови пристапи во наставата, засновани на податоци и резултати.
В.д директорка на Бирото за развој на образованието, м-р Милка Тримчевска, и извршната директорка на Македонија2025, проф. Никица Мојсоска Блажевски, ја изразија својата цврста поддршка за оваа соработка и подготвеност за нејзино продлабочување. Двете страни ја препознаваат важноста на вложувањето во човечкиот капитал уште од најрана возраст и заеднички се стремат кон создавање систем што ќе ги подготви младите за предизвиците на 21-от век.
Со овој Меморандум, го отвораме патот кон конкретни активности што ќе имаат долгорочно влијание врз наставниот кадар, учениците и целото општество.
Заедно, градиме образование што инспирира!
Related News