Отворен повик: Програма за влијание на заедницата на Џонсон Мети „Науката и јас“

News

Отворен повик за предметни наставници од областа на природните науки:

Еднодневен тренинг работилница за ефективна настава по природни науки

Повикот е отворен до 20.10.2025 година

Дали сте посветен наставник што бара да ги подобри своите наставни вештини и да биде во тек со најновите образовни стандарди по природни науки?

Македонија2025 објавува единствена можност за обука на предметни наставници по природни науки, биологија, хемија и физика од основните училишта во Македонија.

Обуките ќе се реализираат како дел од соработката на Македонија2025 со компанијата Џонсон Мети, во рамки на програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“.

За проектот

Целта на проектот е да ги зајакне компетенциите на наставниците по природните науки во руралните и урбаните основни училишта во Северна Македонија, преку нови вештини и техники кои ќе го поттикнат интересот и амбицијата на учениците да ја засакаат науката и да ја замислат како своја идна професионална насока. Наставниците ќе добијат идеи и практични насоки за унапредување на наставата, а заедно со своите ученици ќе имаат можност да изработуваат и презентираат експерименти на посебно организирани саеми по наука.

Ова е веќе трето продолжување на проектот „Науката и јас“, кој досега обучи над 80 наставници и директно опфати повеќе од 9.700 ученици низ државата. Дел од активностите беа и регионални саеми по наука, каде што над 300 ученика ги претставија своите проекти пред публика од над 2000 врсници.

За обуката

Организираме еднодневна работилница за обука на околу 70 наставници (распоредени во неколку групи) дизајнирана да ги зајакне компетенциите на предметните наставници почетници кои реализираат настава од областа на природните науки. Работилницата ќе се фокусира на обучување со ефективни методи на настава по природни науки, вклучувајќи учење базирано на истражување, практични експерименти и учење базирано на проекти. Работилницата ќе се реализира во соработка со Бирото за развој на образованието.

Што може да очекувате

  • Едукативни сесии спроведувани од страна на обучувачи од Бирото за развој на образованието и други образовни институции;
  • Практични стратегии и методи за унапредување на наставата по природни науки;
  • Дидактички материјал за наставници за ефективна настава по природни науки (на македонски јазик и албански јазик);
  • Сертификат за професионален развој за да се поттикне вашиот напредок во кариерата;
  • Можност некои од наставниците да развијат и да прикажат свои експерименти спроведени со група свои ученици на 2-3 регионални саеми по наука; 
  • Поддршка од наставници-ментори по предмети од областа на природните науки;
  • Можност за посета на Џонсон Мети Скопје, водечка компанија во областа на одржлива посветеност на иновациите и технолошките откритија, со глобално влијание во области како што се транспортот со ниски емисии, енергијата, хемиската обработка и најефикасната употреба на природните ресурси на планетата (само за 4-5 наставници со група до 5 ученици);
  • Мерење на влијанието на обуката кон подобрената самодоверба и мотивација на наставниците ќе се врши преку истражување/анкета од мал обем засновано на прашалник за самоевалуација, споредувајќи ја прединтервенцијата (пред обуката) и постинтервенцијата (по обуката или програмата).

Општи услови за учесниците на обуката

Право да конкурираат:

  • Предметни наставници приправници од основните училишта кои реализираат настава по предметите: природни науки, биологија, хемија или физика;
  • Предметни наставници од основните училишта кои реализираат настава по предметите: природни науки, биологија, хемија или физика со работно искуство во настава не подолго од 5 години.

Напомена: Со цел да им се овозможи простор на нови учесници, наставниците кои веќе биле дел од обуките во рамки на претходните изданија на проектот не се целна група за овој повик.

Како да аплицирате

1. Поднесувањето апликација со прикачени документи кои ги докажуваат горенаведените услови, може да го направите на следнава ФОРМА.

За да Ве земеме предвид за оваа возбудлива можност, покрај подоатоци за вас и вашето училиште, треба да:

  • Поднесете ваша биографија (CV) која го прикажува вашето образование, искуството во наставата и претходно посетените обуки и другите професионални активности;
  • Напишете кратко мотивационо писмо (максимум 500 зборови) објаснувајќи зошто сте заинтересирани да учествувате на оваа работилница;
  • Документите се доставуваат на македонски јазик.
  • Сите документи се прикачуваат на укажаната ФОРМА.

2. Задолжително пополнете го ПРАШАЛНИКОТ за самоевалуација преку кој го мериме влијанието на обуката кон подобрената самодоверба и мотивација на наставниците.

3. Рок за аплицирање: најдоцна до 20.10.2025 година.

Процес на аплицирање и селекција

Сите апликанти ќе бидат известени за извршениот избор и одлука за учество најдоцна до крајот на октомври 2025 година. Процесот на селекција ќе даде приоритет на прв пријавен-прв примен учесник/учесничка, со дополнително земање во предвид на аспектот на регионалната, родовата и етничката застапеност на учесниците.

Обуките ќе се реализираат кон крајот на месец ноември 2025 година.

За дополнителни прашања за самиот повик користете ја електронската адреса: ScienceAndMe@macedonia2025.com .

Важни датуми

Краен рок за аплицирање: 20 октомври 2025 година

Датум на обуката: ноември 2025 година

Презентација на експерименти на регионални саеми за наука: април/мај 2026 година

Не ја пропуштајте оваа можност да ги подобрите Вашите вештини за настава по природни науки и да ја инспирирате следната генерација научници.

Пријавете се сега и станете дел од наставничка заедница што го менува начинот на кој младите ја доживуваат науката!