ПОВИК ЗА НОМИНАЦИИ ЗА ПРИЗНАНИЕ ЗА ПРИДОНЕС НА ПРИПАДНИЦИТЕ НА ДИЈАСПОРАТА за 2024 година

News

Македонија2025 во соработка со Кабинетот на Претседателот на Република С. Македонија

распишува

ПОВИК ЗА НОМИНАЦИИ ЗА ПРИЗНАНИЕ ЗА ПРИДОНЕС НА ПРИПАДНИЦИТЕ НА ДИЈАСПОРАТА

за 2024 година

Краен рок за доставување на номинации е 15.03.2024 година

Македонија2025 во соработка со Кабинетот на Претседателот на РС Македонија објавува повик за поднесување на иницијативи/номинации за добитници на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората за тековната 2024 година. 

Оваа иницијатива на Македонија2025 е наменета за поединци, припадници од дијаспората, кои без оглед кога и каде се родени се нераскинлив дел од националното ткиво на македонскиот народ, како симболично признание за нивниот несебичен и континуиран ангажман и придонес во различни сфери кон родната земја.

Признанијата се доделуваат за исклучителен придонес и постигнати резултати во доменот на општествениот и/или економскиот развој, образованието, научно-истражувачките работи, уметноста, како и за особени заслуги од областа на социјалната и хуманитарната помош, или пак придонеле за подобрување на определени состојби во родната земја. 

Признанијата за придонес на припадниците на дијаспората ги доделува Претседателот на Република Северна Македонија. 

Признанијата се доделуваат во облик на повелба и плакета. 

Максималниот број на признанија кои може да се доделат во една година е (3) три.

Кој може да биде добитник/добитници на Признанијата за придонес на припадниците на дијаспората?

Добитници на признанијата се физички лица со потекло од Република Македонија кои може, но не мора да имаат македонско државјанство. 

Начин на пријавување или поднесување иницијатива/номинација 

Поднесувањето на иницијатива/номинација за Признание за придонес на припадниците на дијаспората е на посебно определен образец, објавен во рамки на повикот за Признание за придонес на припадниците на дијаспората. 

Припадниците на дијаспората – добитници на други признанија и награди доделувани од страна на Претседателот на РСМ може повторно да се номинираат за добитници на ова Признание.

Поднесувањето на иницијативата/номинацијата може да биде на македонски и/или англиски јазик. 

Образецот може да го симнете тука на МК и на ENG

Критериуми за признавање на придонесот за Признанијата за придонес на припадниците на дијаспората

Македонија2025 ги воспоставува следните критериуми за признавање на придонесот на припадниците на дијаспората:

  • Филантропија и социјално влијание: Добитникот има значаен придонес за општествени цели, добротворни организации и/или проекти за развој на заедницата во Република С. Македонија.
  • Бизнис и претприемништво: Добитникот поттикнал и постигнал значителен успех како претприемач, инвеститор или бизнис лидер, директно или индиректно придонесувајќи за растот и развојот на македонската економија.
  • Академска и истражувачка извонредност: Добитникот се истакнал во академски или истражувачки активности, придонесувајќи за унапредување на знаењата и вештините во Македонија или во регионот.
  • Лидерство и застапување: Добитникот покажал исклучителни лидерски вештини или се залагал за македонските интереси, промовирајќи ја свеста и разбирањето за Македонија и нејзиниот народ.
  • Уметност и култура: Добитникот ја промовирал македонската уметност и култура во странство или придонел за зачувување и промоција на македонското културно наследство.
  • Хуманитарна работа: Добитникот придонел во хуманитарни напори, како што се помош при катастрофи, поддршка на бегалците или иницијативи за социјална правда, во корист на Република Македонија или на други на кои им е потребна.
  • Иновации и технологија: Добитникот вовел и/или донел преку партнерство иновативни технологии, производи или услуги кои ја подобриле конкурентноста и продуктивноста на македонските бизниси или организации.

Овие критериуми не се исцрпени и може да се земат предвид дополнителни области во зависност од добиените номинации за потенцијани кандидати за добитници.

Областите за доделување на Признанијата за придонес на припадниците на дијаспората се различни категории кои се утврдуваат согласно придонесот на самото лице на кое му се доделува признанието. (пр. Признание за придонес на припадниците на дијаспората во областа на промоција на образованието за социјално ранливи категории на студенти и сл.) 

Поднесување на предлог за иницијатива/номинација за признание

Предлози за поднесување на иницијатива/номинација за признанија, можат да достават македонски и странски физички лица, организаторите на ова Признание, како и здруженија на граѓани, владини и невладини организации и асоцијации од земјава и странство. Предлози за поднесување на иницијатива/номинација на признанија за придонес на припадниците на дијаспората може да поднесат и функционери кои раководат со државните органи, како и  вработените во тие органи.

Предлозите/номинациите за доделување Признание за придонес на припадниците на дијаспоратасе доставуваат преку електронска пошта, на следнава адреса:diasporarecognition@macedonia2025.com.

Комисија за селекција на добитници на Признание за придонес на припадниците на дијаспората

Комисијата за селекција на добитници на Признание за придонес на припадниците на дијаспората се состои од претседател и членови кои ги номинира и именува Македонија2025, во соработка и координација со Кабинетот на Претседателот на РСМ.

Во комисијата членуваат индивидуи од редот на истакнати поединци и претставници од државни органи и организации, здруженија на граѓани, научни, стручни и други институции од Република Македонија, но и странство. Во комисијата постојано членство имаат по еден член од Македонија2025, Кабинетот на Претседателот и/или поранешен добитник на Признание за придонес на припадниците на дијаспората.

Постапка за избор на добитници на Признание за придонес на припадниците на дијаспората

Предлозите/номинациите за избор на добитници на признанија се доставуваат на официјалната електронска адреса на Македонија2025: diasporarecognition@macedonia2025.com

Македонија2025 врши административна проверка на документацијата, и потоа ги проследува предлозите до Комисијата за избор. Комисијата ги разгледува доставените предлози и номинации, врз основа на Правилникот за работа на Комисијата за избор и сопствена стручна основаност на седница ги разгледува и избира лицата добитници на Признанието. Комисијата има право да побара дополнителни информации од поднесувачите на предлогот. 

Во рок од 15 дена од доставувањето на документацијата за номинираните лица од организаторот на Признанието, комисијата доставува одлука за избор на лице/лица за доделување на соодветно признание на организаторот. 

Одлуката за избор на лице за добивање на Признание за придонес на припадниците на дијаспората се добива врз база на просто мнозинско гласање. 

Одлуката за избор на лице/лица за добитници на Признание за придонес на припадниците на дијаспората јавно се објавува минимум 20 дена пред настанот на доделување на истото, сé со цел да се има доволно време за спроведување на постапката за потенцијален приговор.  

Признанијата се доделуваат на посебен настан од страна на Претседателот на Република Северна Македонија.

Рок за доставување на номинации за 2024 година

Рокот за доставување на предлог номинација за доделување на Признание за придонес на припадниците на дијаспората е 15 март 2024 година (23:59) и тоа по електронски пат на следнава електронска адреса: diasporarecognition@macedonia2025.com

Непотполни номинации и номинации примени по предвидениот рок за поднесување нема да се разгледуваат. 

Повеќе за Признанието за придонес на припадниците на дијаспората  и претходните добитници на истото, можете да погледнете на  https://macedonia2025.com/award/recognition-for-diaspora-contribution/.