News
Ајде заедно да ги инспирираме идните генерации научници!
Во рамките на кампањата „Наука за иднината“, која ја реализираме како дел од Џонсон Мети програмата за влијание на заедницата „Науката и Јас“, со гордост ја споделуваме инспиративната приказна на Анамарија Митковска, студентка на насоката молекуларна биологија со генетика на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје (УКИМ) и стипендистка на Македонија2025 преку програмата „Атанас Близнакоф“ за студентска извонредност.
Анамарија е доказ дека љубопитноста и желбата за истражување можат да бидат водечки сили во животот. Од првиот момент кога се соочила со биологијата како предизвик, до денес – кога ја проучува суштината на животот на молекуларно ниво – таа ја следи својата страст со неуморен ентузијазам.
Еве како таа го раскажува своето патување низ науката: „Секое ново откритие создава нова љубопитност, а таа љубопитност води кон ново истражување.
Мојот пат низ светот на науката започна на 12-годишна возраст, кога за првпат навлегов подлабоко во светот на биологијата. Се соочив со голем предизвик – државен натпревар по биологија. Тогаш за првпат зачекорив во еден од амфитеатрите на Природно-математичкиот факултет. Тој ден ми остави неизаборавен впечаток – чувството на возбуда, инспирација и восхит пред светот на науката станаа дел од мене.
Како што времето поминуваше, мојата љубов кон биологијата стануваше сè поголема. Во средно училиште се запознав со нова гранка – молекуларна биологија со генетика. Дотогаш, живите организми ги гледав како целина, но со проучување на молекуларната биологија почнав да навлегувам во нивната суштина, во молекуларните механизми што го движат животот.
Иако многу концепти ми беа нови и сложени, со голем ентузијазам и љубов ги истражував, за на крај да станам студент на насоката молекуларна биологија со генетика. Секој ден на факултет за мене е нова авантура, ново патување низ светот на науката. Едвај чекам да откријам нешто ново, да го проучам во детали и да ги поврзам знаењата што ги стекнувам.
Биологијата не е само наука за мене – таа е начин на размислување, начин на живот.“
Што ја мотивира да продолжи понатаму?: „Науката е мојот компас, љубопитноста мојот двигател, а откритието мојата цел – со секој чекор напред, го откривам непознатото.“ Токму затоа, ако науката е вашиот повик, не двоумете се да го следите! Продолжете да истражувате, да учите и да го откривате светот – чекор по чекор, молекула по молекула.
Следете нè за повеќе инспиративни приказни од идните научници и истражувачи!
Моќта на знаењето
Во свет полн со можности, дарот на знаење е највредното богатство што можеме да го подариме на следната генерација. Со приклучувањето кон оваа иницијатива, вие станувате светилник на инспирација за оние кои ќе го носат факелот на науката напред.
Ајде да работиме заедно за да инспирираме, поттикнеме и едуцираме. Да ја разгориме страста за наука во срцата на основците. Вашите зборови би можеле да бидат искрата што го пали огнот на љубопитноста и извонредноста.
Придружете ни се во обликувањето на иднината на науката и младите научници кои ќе ја дефинираат. Заедно, можеме да направиме разлика. Споделете го и Вие вашиот мотивациски цитат или кратка успешна приказна што го истакнува вашето патување како научник и прикачете ги на посебната форма која се наоѓа на следниот ЛИНК
Повеќе за промотивната кампања „НАУКА ЗА ИДНИНАТА“
Ви благодариме што сте дел од ова неверојатно патување!
Кампањата е имплементирана во рамки на Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“. Повеќе за проектот во Македонија „Науката и јас“ и за самата глобална иницијатива на Џонсон Мети тука.
Related News