Сузана Ќелешоска – Промотивна кампања “НАУКА ЗА ИДНИНАТА„

News

Ајде заедно да ги инспирираме идните генерации научници! Љубопитноста е почетокот на секое откритие – дозволи ѝ да те води.

Во рамки на кампањата Наука за иднината, реализирана со поддршка на Џонсон Мети, со големо задоволство ја споделуваме инспиративната приказна на Сузана Ќелешоска, наставничка по биологија во ООУ Мурат Лабуништи, село Лабуништа, Струга.

Низ својата порака, таа ја охрабрува секоја млада личност да зачекори храбро во светот на науката: Погледнете околу себе – секоја појава крие тајна што чека да ја откриете. Науката е вашиот клуч за разбирање на светот.

Во нејзината лична приказна, љубовта кон биологијата се претвора во животна мисија:

Се започнува уште во прво одделение со едноставното прашање „Зошто?“, прашање што секој мој ученик го поставува со љубопитни очи и широка насмевка. И така до петто одделение, заедно патуваме низ чудесниот свет на науката од првите набљудувања на дождовните капки, до експериментите со воздух, вулкан, светлина и енергија. Секој час е нова авантура. Во училницата се претвораме во истражувачи, научници и мали откривачи кои учат да поставуваат прашања, да набљудуваат, да споредуваат и да заклучуваат. Учиме дека науката не е само во книгите, туку насекаде околу нас – во секое семе што никнува, во секоја сенка што се менува, во секој звук што патува низ воздухот.

Најубавото од сè е кога гледам како во нивните очи се раѓа љубопитноста – искрата што ќе ги води низ животот, затоа што таа е почеток на секое големо откритие. Нашето патување низ науката не завршува во училницата тоа само продолжува со секое ново „зошто“, „каде“, „колку“, што ќе го поставуваме заедно.

Поставувајте прашања, барајте одговори и радувајте се на секое откритие, затоа што само така може да се роди научникот во вас што ќе го менува светот е мојот совет и поттик до сите мои ученици.

Сузана е дел од инспиративната заедница на наставници кои преку Наука за иднината го разгоруваат пламенот на љубопитноста кај новите генерации истражувачи и научници.

———————-

Моќта на знаењето

Во свет полн со можности, дарот на знаење е највредното богатство што можеме да го подариме на следната генерација. Со приклучувањето кон оваа иницијатива, вие станувате светилник на инспирација за оние кои ќе го носат факелот на науката напред.

Ајде да работиме заедно за да инспирираме, поттикнеме и едуцираме. Да ја разгориме страста за наука во срцата на основците. Вашите зборови би можеле да бидат искрата што го пали огнот на љубопитноста и извонредноста.

Придружете ни се во обликувањето на иднината на науката и младите научници кои ќе ја дефинираат. Заедно, можеме да направиме разлика.  Споделете го и Вие вашиот мотивациски цитат или кратка успешна приказна што го истакнува вашето патување како научник и прикачете ги на посебната форма која се наоѓа на следниот ЛИНК.  

Повеќе за промотивната кампања НАУКА ЗА ИДНИНАТА„

Ви благодариме што сте дел од ова неверојатно патување!

Кампањата е имплементирана во рамки на Џонсон Мети Програмата за влијание на заедницата “Науката и јас„. 

Повеќе за проектот во Македонија2025 “Науката и јас„  и за самата глобална иницијатива на Џонсон Мети тука.