News
Преку науката ги откриваме световите во светот!
Науката е патување низ бескрајни светови – од микроскопските организми до сложените механизми што го движат животот. Во рамките на нашата кампања „Наука за иднината“, која ја реализираме како дел од Џонсон Мети програмата за влијание на заедницата „Науката и Јас“, со задоволство ја споделуваме инспиративната приказна на Теодора Атанасовска, студентка по молекуларна биологија со генетика на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ во Скопје и стипендистка на Македонија2025 преку програмата „Атанас Близнакоф“ за студентска извонредност.
Теодора уште од најрана возраст била привлечена од мистериите и откривањето на нови светови преку книгите. Но, со текот на времето открила дека најголемите мистерии не се само на страниците од романите, туку во самата природа – во клетките, гените и молекулите што го создаваат животот. Низ своето образовно патување, Теодора ја пронашла својата страст токму во науката и денес преку молекуларната биологија открива светови кои се невидливи за голото око, но суштински важни за нашето постоење.
Еве како таа го раскажува своето научно патување: „Јас сум Теодора Атанасовска, студент по Молекуларна биологија и генетика во втора година. Прва љубов ми беа книгите, а втора науката. Во книгите ме привлекуваа мистериите и можноста за откривање на нови светови. Се одлучив за биологија кога сфатив дека таму се кријат најголемите мистерии за животот и природата. Преку биологијата можам да откријам бесконечно многу светови – од малите микроорганизми, преку процесите во клетките, па сè до случувањата на молекуларно ниво. Уште по завршување на основното училиште знаев дека сакам да се занимавам со некоја природна наука, па се запишав на Природно-математичкиот смер Б во Кумановската гимназија. На часовите по биологија, најмногу ми го привлекоа вниманието лекциите за молекуларната биологија, па одлучив да го продолжам своето образование во оваа насока.
Сега, на факултет, секојдневно се запознавам со нови подрачја од биологијата. Планирам и се надевам и понатаму да ги продлабочувам своите знаења и во иднина дури и да придонесам за нови откритија.“
Теодора нè потсетува дека науката е бескрајна авантура исполнета со мистерии кои чекаат да бидат откриени. Љубопитноста е клучот, а знаењето е патот. Токму тоа е и нејзината мотивациска порака која гласи „Преку науката ги откриваме световите во светот!“
Да ги инспирираме идните генерации научници!
Следете нè за повеќе приказни кои ќе го разбудат љубопитниот дух кај младите истражувачи!
Моќта на знаењето
Во свет полн со можности, дарот на знаење е највредното богатство што можеме да го подариме на следната генерација. Со приклучувањето кон оваа иницијатива, вие станувате светилник на инспирација за оние кои ќе го носат факелот на науката напред.
Ајде да работиме заедно за да инспирираме, поттикнеме и едуцираме. Да ја разгориме страста за наука во срцата на основците. Вашите зборови би можеле да бидат искрата што го пали огнот на љубопитноста и извонредноста.
Придружете ни се во обликувањето на иднината на науката и младите научници кои ќе ја дефинираат. Заедно, можеме да направиме разлика. Споделете го и Вие вашиот мотивациски цитат или кратка успешна приказна што го истакнува вашето патување како научник и прикачете ги на посебната форма која се наоѓа на следниот ЛИНК
Повеќе за промотивната кампања „НАУКА ЗА ИДНИНАТА“
Ви благодариме што сте дел од ова неверојатно патување!
Кампањата е имплементирана во рамки на Johnson Matthey Програмата за влијание на заедницата „Науката и јас“.
Повеќе за проектот во Македонија „Науката и јас“ и за самата глобална иницијатива на Џонсон Мети тука
Related News