Наука во акција: Македонија2025 собра над 250 ученици на Регионалниот Саем за наука во Скопје

Events

На 28 мај 2025 година, поливалентниот простор на основното училиште „Љубен Лапе“ во Скопски Аеродром беше преполн со енергија, љубопитност и научна креативност.

Регионалниот Саем за наука, организиран во рамки на проектот „Науката и Јас“, собра над 50 ученици-презентери од седум основни училишта и тоа:

  • ООУ “Кузман Шапкарев„ – населба Драчево со ментор наставник: Ива Лазарова
  • ООУ “Рајко Жинзифов„ населба Драчево со ментор наставник: Билјана Наунова
  • ООУ “Димитар Македонски„ Аеродром (Скопје) со ментор наставник: Дијана Ивановска
  • ООУ “Ѓорѓија Пулевски„ Аеродром (Скопје) со ментор наставник: Катерина Антовски
  • ООУ “Љубен Лапе„ Аеродром (Скопје) со ментор наставник: Љубица Стојкова-Стојановска, Сања Станисавовска и Добрила Јованоска Ѓоргон
  • ООУ “Антон Зако Чајупи„ с.Отња (општина Липково) со ментор наставник: Азимине Фетаи
  • ООУ„Кузман Јосифоски-Питу“ Кичево со ментор наставник: Слаѓана Јосифоска.

Тие со голема посветеност ги споделија своите научни проекти и експерименти, додека во публиката присуствуваа над 250 основци од училиштето домаќин, но и од неколку училишта од општина Аеродром.

Преку интерактивни презентации и практични експерименти, учениците ги претставија резултатите од својата работа во областа на природните науки – географија, биологија, хемија и физика – инспирирајќи ги своите врсници и поттикнувајќи љубопитност и интерес за науката. Настанот беше дополнително збогатен со демонстрација на научни експерименти од страна на претставници на Џонсон Мети, кои го приближија светот на науката до учениците на интерактивен и инспиративен начин. Со воведни обраќања се обратија претставници на Џонсон Мети (Зоран Николов, менаџер на производство), Никица Мојсоска Блажевски од Македонија2025, Дејан Митески, градоначалникот на општина Аеродром и Фоника Станоева, директорката на училиштето „Љубен Лапе“ од Аеродром.

Саемот за наука е дел од поширокиот проект „Науката и Јас“, кој во изминатите две години опфати над 100 помлади наставници по природни науки од различни училишта и досега вклучи околу 3500 ученици од цела Македонија. Проектот е поддржан од Џонсон Мети програмата за поддршка на заедницата и се реализира во партнерство со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

Менторството меѓу наставниците беше клучен сегмент на овогодишната програма – создадени се менторски парови, каде поискусни наставници ги поддржуваа своите помлади колеги во подготовката и реализацијата на наставата, како и во подготовката на учениците за научните саеми. Оваа соработка ја поттикна размената на искуства, знаења и иновативни пристапи во наставата и ја зајакна заедницата на наставници по природни науки.

Настанот уште еднаш ја истакна важноста на заедничката работа помеѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор за подобрување на образованието во Македонија. Заедничките вложувања во научната писменост на младите се клуч за иднината на нашето општество.

Кусо видео како изгледаше атмосферата на Саемот: https://www.youtube.com/shorts/Ljf4bDZdEJM

Споделуваме дел од импресиите на наставниците учесниците:

“Учеството на Саемот на науката беше исклучително корисно и одлично искуство. Имавме можност со учениците да го претставиме нашиот труд, да размениме идеи со други учесници и да стекнеме нови знаења од различни научни области. Особено беше значајно да се види колку иновативност, креативност и ентузијазам постои кај младите истражувачи. Саемот придонесе за нашиот личен и професионален развој, и за зајакнување на интересот за науката и истражувањето. Благодарни сме за можноста да сме дел од ваков настан и со нетрпение ги очекуваме следните средби и предизвици, можеби и нашето училиште како домаќин на следниот саем. Учениците беа воодушевени и со возбуда им прераскажуваа на останатите соученици за настанот. Импресиите се одлични! Ви благодариме!„

“Саемот беше вистинско доживување – исполнет со позитивна енергија, размена на идеи и чувство на гордост за успехот на учениците. Посебно впечатлива беше атмосферата на соработка и ентузијазам, која го направи настанот инспиративен за сите присутни. Организацијата и добрата енергија допринесоа сите да се чувствуваме вреднувани и мотивирани. Учениците беа воодушевени – ги изненади интересот од посетителите и можноста да го споделат својот труд. Научија како самоуверено да се претстават, да работат како тим и да се изразат креативно. За нив ова беше поттик за нови предизвици. Голем поздрав и благодарност до Вас.„

“Од срце Ви благодарам што ни овозможивте да бидеме дел од Регионалниот Саем за наука. Настанот беше прекрасно организиран, со позитивна атмосфера, инспиративни проекти и многу љубопитни ученици. Моите ученици беа вистински воодушевени што добија можност да го споделат своето знаење, труд и креативност пред поширока публика. За нив ова не беше само училишен настан, туку вистинско научно доживување кое ќе го паметат долго. Како наставник, ми беше огромна чест да ги водам низ овој процес и да бидам сведок на нивниот раст, самодоверба и искрена радост. Ви благодарам што го правите проектот „Науката и Јас“ толку значаен и инспиративен.„

Проектот „Науката и Јас“ продолжува со нови активности и научни авантури. Со задоволство Ве покануваме на следниот Регионален Саем за наука, кој ќе се одржи на 3 јуни 2025 година, со почеток во 12 часот, во поливалентниот простор на ООУ “Гоце Делчев” во Прилеп.