Posted on

Оглас за работна позиција: Соработник за Атанас Близнакоф програмата за студентска извонредност

Организацијата Македонија2025 е посветена на создавање на просперитетна економска клима во Република Македонија која ќе ги подобри можностите за граѓаните, домашните компании и странските инвеститори. Промовираме одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, претприемништвото, иновациите и лидерството.

Поради остварување на нашата мисија, бараме високо мотивирани, амбициозни и талентирани лица.

Опис на позицијата:

Како Соработник за Атанас Близнакоф програмата за студентска извонредност на Македонија2025, вашите работни обврски ќе вклучуваат:

  • Раководење и спроведување на Атанас Близнакоф програмата за студентска извонредност согласно планот за работа на организацијата;
  • Активности поврзани со развој на годишен план за работа и можности за унапредување на програмата;
  • Координација со сите инволвирани страни во програмата со цел успешна реализација;
  • Поддршка и учество во други проекти кои ги спроведува организацијата;
  • Поддршка на тимот на Македонија2025 и Одборот на директори при други тековни и административни задачи;
  • Други задачи утврдени со планот за работа на организацијата.

Услови за работа:

Позицијата е со работно време од 40 часа неделно во Скопје.

Селектираните кандидати првично ќе бидат ангажирани со договор за работа на определено време (6 месеци) што ќе вклучува и обука, со можност за продолжување на договорот и вработување на неопределено време.

Месечниот надоместок ќе изнесува најмалку 35,000 денари нето.

Работата на Соработникот ќе се оценува најмалку еднаш годишно од главниот извршен директор и претседателот на Одборот на директори на Македонија2025, врз основа на однапред утврдени цели. Согласно успешноста, ќе имате право на пораст на платата и/или бонус за успешност.

Квалификации и вештини:

  • Завршени додипломски или магистерски студии;
  • Релевантно работно искуство или соодветен ангажман во раководење и работа на проекти од најмалку 2 години;
  • Одлични комуникациски вештини, со високо ниво на говорен и пишан англиски јазик;
  • Напредно познавање на алатките на Microsoft Office (особено Word и Excel) и Google;
  • Аналитичност, прецизност и деталност во работењето;
  • Способност за справување со повеќе разновидни задачи истовремено;
  • Креативност и самоиницијатива, желба за постојано учење и надградување на знаењето;
  • Навременост и строго почитување рокови;
  • Подготвеност за индивидуална и тимска работа;
  • Познавање и верување во мисијата на Македонија2025.

Рок и начин на пријавување:

Документите кои ги докажуваат горe споменатите барања да се достават по електронски пат на careers@macedonia2025.com. Документите треба да содржат:

  • Професионална биографија;
  • Мотивациско писмо на англиски јазик (најмногу една страница);
  • Референци од претходни работодавачи/проектни координатори (не е задолжително).

Првичната селекција ќе се спроведе врз основа на доставените документи. Само избраните кандидати во втор круг ќе бидат повикани на интервју.

Работно време на организацијата е од 08:00/09:00 до 16:00/17:00 часот, од понеделник до петок.

Рокот за доставување на апликациите е 10 јуни 2024 година.

Приклучувањето кон Македонија2025 како соработник на образовна програма претставува можност да придонесете кон мисијата на организацијата за поттикнување на образовниот развој и еднакви можности за образование на сите млади луѓе во Македонија.

Напомена: Овој опис на работното место е општ опис на одговорностите и квалификациите и може да подложи на промени согласно потребите на Македонија2025.

Posted on

Macedonia2025 Announces New Chair

Skopje (May, 2024) – Macedonia 2025, a non-profit, non-political organization with primary focus on economic and leadership development, announces the appointment of Viktor Mizo as Chairman of its Board of Directors. Mizo, who joined the Macedonia2025 Board in 2020, succeeds Michael Cklamovski, President, Northern California at Northern Trust, who served as Chairman since 2021.

“It has been an honour to serve as the Chairman of the Macedonia2025 Board of Directors,” said Cklamovski. “I am incredibly proud of the strides we have made in fostering economic development and leadership growth in Macedonia. Our initiatives have significantly impacted the local economy and provided valuable opportunities for our youth and professionals. I am confident that Viktor Mizo will continue to drive our mission forward with his extensive experience and dedication.”

Viktor Mizo is Vice President of Governmental Affairs of the German family owned Kostal group – global leader in design and manufacturing of advanced electronics and mechatronics products for the automotive industry and Managing Director of Kostal Macedonia. Mizo is also President of the Foreign Investors Council within the auspices of the Economic Chamber of North Macedonia.

Mizo received his B.S. and M.S. in Mechanical Engineering at the Rochester Institute of Technology, graduating summa cum laude. An alumnus of Harvard University, he holds an MBA from the Harvard Business School.

“I am honoured to have been appointed Chairman of the Board of Directors,” said Mizo. “I look forward to building on the strong foundation laid by Michael and the Board. Our goal is to accelerate Macedonia’s economic growth and enhance its competitiveness on the global stage. We will continue to support innovative programs and initiatives that empower our citizens and attract investment to our country.”

About Macedonia2025

Macedonia2025 is an international, independent, non-political ‘think & do’ tank founded in 2007 by Macedonian expatriates. Our purpose is to drive sustainable economic growth that will improve opportunities for citizens, companies, and foreign investors. We encompass a wide array of programs that enable expatriates to give back to their homeland.

Our vision is for Macedonia to become the leading economy and most prosperous country in the region.

Our mission is to shape Macedonia’s future by promoting sustainable economic growth that will improve opportunities for citizens, companies, and foreign investors.

Posted on

ВТОР ДЕН ОД САМИТОТ НА МАКЕДОНИЈА2025:  Дигитализацијата и елиминирање на корупцијата – предуслови за забрзан економски раст 

Скопје, 16.05.2024 – Дигитализацијата, како една од приоритетните области на делување и платформата за забрзан економски раст на Македонија2025, беше една од темите во фокусот на вториот ден од Самитот што се одржува во Скопје. Токму во насока на значително продлабочување на соработката во областа на дигиталната трансформација, во рамки на Самитот беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонија2025, Центарот за дигитална трансформација „ГоДигитал“, Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), „ВИЗА Југоисточна Европа“ и „Клириншка куќа – Клириншки интербанкарски системи АД Скопје“ (КИБС).

Целта од ова партнерство е да се овозможи конкретна поддршка на домашните мали и средни претпријатија во имплементацијата на нови дигитални технологии и производи.

Претседавачот на Одборот на директори на Македонија2025, Мајкл Чкламовски, изрази големо задоволство од воспоставувањето на оваа соработка потенцирајќи дека: „Македонија2025 е целосно посветена на поддршка на Центарот за дигитална трансформација – ГоДигитал. Веруваме дека креирањето на екосистем за дигитална трансформација ќе придонесе кон засилување на конкурентноста и иновативноста на македонската економија”.

На официјалното потпишување на меморандумот присуствуваше и амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија Н.Е. Вероник Улман, која во оваа прилика изјави: „Швајцарија е силно посветена на поддршката на земјата во нејзиниот пат кон одржлив економски развој. Преку нашата развојна програма ги поддржуваме процесите на дигитална трансформација на микро, малите и средни претпријатија, со фокус на агробизнисот и одржливиот активен туризам. Го поддржуваме и ИКТ секторот и веруваме дека ова ново партнерство создава нови деловни можности за ИКТ компаниите во земјата”.

За Горан Анастасовски од КИБС „оваа иницијатива претставува значајна можност за едукација на кадарот во малите и средни претпријатија, а се надеваме и јавната администрација“, со што реално ќе се поттикне процесот на дигитализација во земјата.

Потсетувајќи дека формирањето и поддршката за „ГоДигитал“ од страна на Македонија2025 е дел од стратешката определба на организацијата за нејзино поголемо вклучување во процесот на дигитализација на општеството, со посебен акцент на малите и средни претпријатија, членот на Одборот на директори на Македонија2025 Васко Кроневски истакна: „Целата поддршка која ја дава Македонија2025, преку ресурси и експертиза, е насочена иницијално да го постави и да го креира екосистемот на консултанти и компании кои ќе нудат иновативни решенија, кои ќе овозможат дигитализација на компаниите каде што тие ќе бидат имплементирани, истовремено работејќи сето тоа да биде одржливо на долг рок“.

Искажувајќи задоволство од воспоставувањето на новото партнерство, извршната директорка на Македонија2025 проф. Никица Мојсоска Блажевски оцени дека „со здружување на нашите ресурси и напори заедно ќе придонесеме кон побрза дигитализација барем во еден дел од општеството, конкретно на бизнисите“. Таа најави дека набрзо очекува приклучување и на други организации и компании кон оваа иницијатива.

Инаку, покрај дигитализацијата, во фокусот на вториот ден од годинешниот Самит на Македонија2025 беше и темата за начините за справување со корупцијата како еден од предусловите за забрзан развој, а значајно внимание привлече и панел-сесијата за ефикасните стратегии за привлекување инвестиции во новата глобална ера. На вториот ден од Самитот, на сесијата посветена на демократија и слобода на говор се обрати Крис Павловски, основач на „Рамбл“ и член на Одборот на директори на МК2025, еден од најуспешните Македонци во дијаспората, со големи инвестиции во домашната економија.

Дискусиите во овој дел од Самитот се насочени и кон креирање на нови стратегии за градење прилагодливи синџири за снабдување во услови на глобални нарушувања, околу предизвиците и перспективите за натамошен раст на автомобилската индустрија, за начините на искористување на дигиталните здравствени иновации за подобри медицински услуги во Југоисточна Европа, како и за значењето на податоците и нивната анализа во успехот на бизнисите.

Конференцискиот дел од годинешниот Самит на Македонија 2025, на кој учество зедоа над 50 говорници во 12 панел-сесии и на кој присуствуваа над 500 претставници од домашни, регионални и компании од дијаспората, експерти и лидери, ќе биде затворен со обраќање на потенцијалниот мандатар за состав на новата влада Христијан Мицковски.

Повеќе информации за Самитот можете да најдете на официјалната веб-страница:
https://www.macedonia2025.com/summit-2024/

За повеќе информации за дејностите на Центарот за дигитална трансформација „ГоДигитал“,посетете ја веб-страницата: https://godigital.mk/

Posted on

САМИТ НА МАКЕДОНИЈА2025: Неопходен е консензус на патот до просперитет и една визија за забрзан раст

Скопје, 15.05.2024 – Со учество на 50 говорници во 12 панел-сесии и присуство на над 500 претставници од домашни, регионални и компании од дијаспората, експерти и лидери, започна 13-то издание на Самитот на Македонија2025.

„Без оглед на политичките разлики, на тешкотиите и болките низ кои минавме, на грешките од минатото, односно дали се тие вистински или се перцепција, сега е моментот за голема промена“, порача претседателот на Оборот на директори на Македонија 2025, Мајкл Чкламовски. Тој додаде дека „Македонија 2025 е посветена да биде дел од ваквата промена, да се посвети на економскиот развој и раст на земјата и да ги дава своите совети, со сета вредност и со сета моќ која ја имаат нејзините лидери, без оглед каде се наоѓаат во светот“, истакна Чкламовски во своето обраќање при отворањето на Самитот.

Потсетувајќи на досегашниот придонес на организацијата за економскиот и општествениот напредок на Македонија, извршната директорка на Македонија2025, Никица Мојсовска Блажевски, во своето воведно обраќање истакна: „Ние во Македонија2025 повикуваме на едногласен консензус на патот до просперитет, односно сите да споделиме Една визија за забрзан раст. Фундаментите на оваа визија се: Нулта толеранција за корупција преку транспарентност, систем базиран на заслуги и лична одговорност, континуиран раст на БДП над 5% годишно преку зголемени инвестиции во образованието, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија, квалитетна и ефикасна јавна администрација и пристапување во ЕУ“.

Апелирајќи до сите политички партии, бизнис заедницата, академската јавност и сите граѓани, да ги здружат напорите и ресурсите за создавање подобра иднина, Мојсовска Блажевски порача: „Она што ние ветуваме е дека Македонија2025 ќе ја активира целата своја мрежа и ресурси за да ги поддржи овие принципи кои се фундаментални за забрзан раст. Македонија2025 активно ќе се ангажира и ќе работи рамо до рамо со сите што ја споделуваат визијата за раст и просперитет“.

Во фокусот на годинешниот Самит е стратешкото лидерство во ерата на брзи промени кои наметнуваат потреба од поголема конкурентност, преку иновации и дигитална трансформација на општеството и во водењето на бизнисите.

„Во програмата на годинешниот Самит всушност се опфатени клучните приоритети од вкупната програма за просперитетна иднина на Македонија2025. Сметаме дека иновациите и новите технологии се клучниот начин како да се остварат целите на оваа програма и затоа голем акцент на овој Самит е посветен токму на тоа иновациите и новите технологии кои можат да помогнат во развојот на домашните компании и нивната конкурентност и со тоа да придонесат за вкупниот економски развој на државата“, изјави Васко Кроневски, заменик претседател на Одборот на директори на Македонија 2025.

На годинешниот Самит ќе се отворат и темите околу зголемување на регионалниот развој и просперитет, ќе се слушнат искуства за раководењето и растот на семејните бизниси, примената на вештачка интелигенција, а дополнително ќе се обработат и теми поврзани со глобални стратегии за привлекување странски инвестиции, демократијата и слободат на говорот во дигиталното време, како и за корупцијата како инхибитор на просперитетот.

„Меритократијата, борбата против корупцијата, начините како да се зголеми извозот и како да се зголеми квалитетот на образовниот систем се некои од темите на овој Самит кои се исклучително важни за нас и треба да придонесат за постигнување на крајната цел – остварување на најмалку 5% годишен раст на бруто националниот доход што е неопходен за да може државата полека да фати економски приклучок со сите останати земји во регионот и пошироко“, оцени членот на Одборот на директори на Македонија 2025, Живко Мукаетов.

Во рамки на Самитот, што претставува една од најдобрите регионални платформи за размена на искуства, зајакнување на соработката и вмрежување на компаниите од регионот и дијаспората, покрај двата конференциски дена, ќе се организираат и 5 предавања и работилници на високообразовните институции во земјава и 5 работилници со компании и институции на кои ќе присуствуваат говорниците од Самитот и членовите на Одборот на директори на Македонија2025, а планирани се и средби со политички лидери.

Повеќе информации за Самитот можете да најдете на официјалната веб-страница:
https://www.macedonia2025.com/summit-2024/