
Иво Тојтов, ученик во четврта година во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје, беше наш стипендист во рамки на Фондот за поддршка на талентирани средношколци “Таленти денес – лидери утре„ од генерацијата 2024/2025 .
Тој е вистински пример за млад човек кој со љубопитност, ентузијазам, сестраност и упорност остава силен впечаток и зад себе остава значајни резултати. За своите академски постигнувања, ангажман и исклучителна активност, Иво беше избран за првенец на генерацијата во своето училиште.
Наука што решава реални проблеми: Како дел од тимот „LuftON“ на Climathon Skopje 2024, Иво работеше на иновативно решение за аерозагадувањето – мастило за маркери за бела табла направено од саѓи (прашкасти остатоци од оџаците). Благодарение на неговите знаења од хемија, тимот успешно разви прототип. Следната цел им е самостојно производство на еколошка обвивка за маркерот со рециклирана пластика и 3D принтер.
Натпревари и признанија: Иво освои низа награди:
- II награда на општинскиот и III награда на регионалниот натпревар по хемија
- III место на регионалниот и I награда на државниот натпревар по германски јазик
- Сертификат за учество на државниот натпревар по филозофија
Едукатор и креатор на содржини: Иво ја пренесува љубовта кон хемијата преку својот профил @totohemija на Instagram, каде што објавува постови од серијалот „Хемијата е насекаде околу нас“. Истовремено, држи приватни часови по хемија за други ученици, притоа поттикнувајќи ги да ја засакаат оваа наука.
Музичка изразност: Иво активно учествуваше во низа настани по повод 70-годишниот јубилеј на неговото училиште – СУГС „Орце Николов“. Се истакна со соло изведба на саксофон („My Way“), настапи како дел од гимназискиот оркестар, учествуваше во мјузикл и театарска претстава.
Менторство што прави разлика: Преку програмата, Иво доби поддршка од својот ментор особено при изборот на идниот академски пат. По конструктивен разговор, тој донесе одлука да продолжи со студии на Институтот за хемија при ПМФ – УКИМ, насока Применета хемија – аналитичка биохемија.
Личен напредок: Положувањето на возачкиот испит беше уште еден чекор кон неговата самостојност и подготвеност за универзитетските предизвици.
Иво Тојтов претставува токму тој тип на млад лидер какви што сакаме да ги поддржиме преку програмата „Таленти денес – лидери утре“. Неговата приказна е инспирација за многу други средношколци кои сонуваат големо и се подготвени да вложат во себе.
Му посакуваме многу успех во продолжувањето на образованието и со нетрпение ги очекуваме неговите идни достигнувања!


